Вечерва, со почеток во 20 часот, во клуб-ресторанот МКЦ ќе се одржи промоцијата на романот „Молчи со отворена уста“ од Снежана Младеновска Анѓелков. За книгата ќе зборуваат писателките Елизабета Баковска и Калина Малеска, а настанот со акустичен музички настап ќе го збогати Мухамед Ибрахими.
– Во едно скорашно интервју, авторката вели дека ова е роман за премолчената историја, семејната и личната, и стравот дека сеќавањата би можеле да избледат со годините, а никогаш не би требало да бидат заборавени. Можеби потребата да се документираат семејните сеќавања, особено оние што во големата службена историја ја сместуваат личната, „малата“, интимната приказна, се должи и на стравот дека „она што било заборавено никогаш повеќе не можеме да го вратиме целосно назад“, како што вели Валтер Бенјамин. Или, можеби, во одреден период од животот на секој автор (некаде меѓу предците и потомците), личното (и семејното лично) станува сеопфатната, единствената приказна од која тој не може (или не сака) да побегне. Впрочем, и Снежана оваа книга ја посветила на оној пред себе и на оној по себе, на својот син и на својот татко – нагласува промоторката Елизабета Баковска за книгата.