Излезе од печат книгата „Разговори со Унковски“ на Зоја Бузалковска, чија промоција ќе се одржи во киното „Култура“, в четврток, со почеток во 20 часот. Промотори ќе бидат Искра Гешоска, Воја Брајовиќ, Јовица Михајловски и Бранко Цвеиќ.
Ова е книга разговори на ученичката со својот учител (еден доживотен статус) низ повеќе фази, темелен теориски труд и практичен учебник, кој на едноставен начин отвора суштински дилеми, мисли, изградени ставови, чувствувања, поврзани со театарот на Слободан Унковски, со неговиот сценски ракопис, со пристапот или методот на мајсторот, со неговото битие, со неговиот толку посебен свет, кој најдиректно и најотворено го споделува и со нас. Разговорите се водени во три наврати: во 1999 година, во 2010 година и непосредно пред издавањето на книгата, кон крајот на 2018 година.
Издавач е „Театар на навигаторот Цветко“.