Промоција на книгата за деца „Приказни од Чудновија“ на Матеј Богдановски ќе се одржи в четврток, 12 април, во киното „Култура“ со почеток во 20 часот.
По стриповите КШШЦ, и Патенталија и Тентелина, ова е негова прва книга за деца, во која низ 17 приказни е претставен еден бајковит свет.
Промотор на книгата ќе биде Јана Јакимовска.
– Светот на Чудновија почнав да го создавам кога имав 10 или 11 години. Како и сè во детството и ова беше една моја игра и забава која ја искажував низ цртежи и досетки што ги правевеме со брат ми Дамјан. Всушност, овој свет првично е измислен како Хелуинленд, Во почетокот на 90-тите години на минатиот век празникот Хелоуин беше сè уште егзотика кај нас. Запознаен со него преку првите сателитски канали, цртани филмови и видеоигри, целиот амбиент што тој го носеше со себе, со изрезбаните тикви и со наивната стравичност, ликовите на вештерки, вампири, духови, костури и тиквоглавци, беше интересен за нашата возраст, а ете за мене дури и инспиративен. Тогаш ги запишав првите верзии на приказните, колку што можев како дете од 11 години. Уште тогаш се појавуваат ликовите господинот Тикван Троглавест, тогаш mr. Pumpkin, и кралот Максимилијан. Подоцна при крајот на средното училиште и откако ги прочитав книгите на Рабле, Гаргантуа и Пантагруел се навратив одново на тој свет и на приказните, овој пат збогатени со нови ликови и со малку подобра нарација. Тогаш Хелоуинленд стана Земја Хелоувнска, демек малку поприспособена за нашите култура и јазик. Запишани во обична школска тетратка без линии, по многу години, овие приказни беа основата за оваа книга. Тука беа запишани приказните за Шумшумиште, Таклабас, Смолено Човече и Ципа Цапа, Крлушт кои, впрочем, во играта ги внесе брат ми, а јас во оваа книга им се навратив повторно и со малку поголема вештина и искуство ги склопив во нови приказни. Овој пат Земјата Хелоуинска претрпе промени и стана Чудновија, како едно заедничко место за сите фантастични суштества, некои измислени од мене, а некои превземени од бајките, фолклорот и митологијата, додека Хелоуинската област стана еден нејзин дел, со тоа правејќи идеално решение за да се оправдаат ликовите како Тикван Троглавест и Максимилијан и останатите тиквоглавци, а сето тоа да добие нов побајковит наратив и нов амбиент. Размислував дали да ви кажам уште некои работи, но мудриот советодавец и секогаш во право, господин Тикван Троглавест, ми рече дека ова досега е сосем доволно, па затоа тука ќе го завршам овој текст, оваа кратка приказна за приказните – објаснува авторот Богдановски.