Во Културно-информативниот центар, в понеделник, во 19 часот, ќе биде промовиран првиот Речник на антонимите во македонскиот јазик, подготвен од Емил Ниами, а во издание на книгоиздателството „Ми-ан“. Промотори се Симона Груевска-Маџоска и Мишел Павловски.
Речникот на антонимите во македонскиот јазик е прв од ваков вид во македонската лексикографија. Антонимите, кои претставуваат зборови со противоположно значење, често се користат во секојдневниот говор. Притоа говорителот е должен да ја разбере самата суштина на опозицијата и да може соодветно да ги избере зборовите, со цел јасно да го формулира исказот. Познавањето на антонимите му овозможува на секој човек што се грижи за своето јазично изразување прецизно да го формулира својот исказ.
Емил Ниами е роден во 1977 година во Скопје. Во 1999 година дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје на групите за руски јазик и книжевност и за американски студии. По завршувањето на студиите, работи во А1 телевизија и во дневниот весник „Време“ на различни позиции. Во 2007 година ја одбранил магистерската дисертација „Паронимите во македонскиот во споредба со рускиот јазик“. Истата година заминува како лектор по македонски јазик на Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“. Во 2010 година ја брани докторската теза „Антонимите во рускиот во споредба со македонскиот јазик“. Од 2015 година работи во Рускиот центар при УКИМ. Се јавува како преведувач на голем број дела од уметничката литература, но и на публицистика. Автор е на голем број научни и научнопопуларни трудови објавени во земјава и во странство. Негово поле на интерес се лексикологијата, лексикографијата, традуктологијата и социолингвистиката. Емил Ниами е автор на првиот Речник на паронимите во македонскиот јазик.