Промоција на четвртата стихобирка „Порој од пепел“ на авторот Исток Ј. Улчар ќе се одржи денеска на платото пред Младинскиот културен центар со почеток во 20 часот.
Стихови ќе читаат Лазар Христов и Сергеј Димовски.
– Упорно барајќи си ја назад невиноста, полека отстранувајќи ги порталите за влез на болката, конечно и со олеснување, веќе кон крајот на стихозбирката, лирскиот субјект успева да го заспие ‘остарено[то] бебе/ чиј плач ја поти проѕирната плазма на светот’, притоа алудирајќи на сопственото лечење на тивок оган, со потхранување на и вљубеност во внатрешните ‘ладнокрвни демони’ коишто се заслужни за тоа ‘што во порите сила му се вселува’ и ‘што во черепот мудрост му се вгнездува’.
Ваквото повратно и зависнично враќање кон изводните канали на реалноста, како кон солидни количини морфиум, го носат лирскиот субјект кон отрпнатост, за тој потоа да објави дека постојаното навраќање кон вистината ја убило неговата емпатија, која тој самиот ја закопал ‘во подот на неговата заклучена соба’ – вели рецензентката Мања Величковска.
Исток Ј. Улчар е роден на 11.09.1996 година во Скопје. Ги има објавено стихозбирките „Сенки низ циркускиот шатор“ (2014), „Интензивен курс по агонија“ (2016) и „Стихотворбите на Хрвоје“ (2018).
Дел од неговото творештво е застапено во неколку избори на дела од млади македонски и екс-југословенски автори: „Антологија на младата авангардна македонска поезија“, „Лирски додекамерон“, „Rukopisi 36“, „Очудувања 1-2“, „Гласови на новиот век“ и друго. Негови песни се препеани на српски, на унгарски и на англиски јазик.