Промоција на поетската книга „Вештерките денес“ од Калиа Димитрова ќе се одржи вечерва со почеток од 20 часот во Музејот на современа уметност.
Со книгата истовремено стартува новата едиција „300 ветрила!“ на издавачката куќа „Темплум“. Едицијата му е посветена на Огнен Чемерски.
„Вештерките денес е книга жизнена, силовита, продорна, свежа, нежна, приемчива, заводлива, самосвесна и нималку климоглава ‒ баш како самата Калиа. Освен тоа, книгата има јасна дикција, непосреден израз и неприкриен активистички (општествен) ангажман“, стои во најавата за книгата.
Никола Гелевски, главниот уредник на „Темплум“, на промоцијата ќе зборува за новата едиција и за книгата.Тој за стилот на збирката на Димитрова вели дека е емотивно реалистичен, со нежни, ретки преплетувања на фантастични слики и евокации. „Јазикот на „Вештерките денес“ на моменти е колоквијален и „баналистички“, но интересно е што зад често слаткастата површина се кријат бруталистички замки. Дражеста наеднаш станува вражесна“.
На промоцијата во петок, актерката Кристина Леловац ќе прочита песни од стихозбирката.
Премиерно ќе биде прикажан и краткиот филм „Вештерките денес“, во режија на Борјан Стојков, изработен според пет песни од збирката на Калиа.