Во „Салон 19:19“ на Културно-информативен центар – Скопје утре ќе се одржи промоција на книгите: „Болката на јаболкото“ од Санде Стојчевски, „Мини прирачник за поезија“ од Елена Пренџова и „Хипербог“ од Стефан Марковски. Книгите ќе ги промовира Филип Клетников, а извадоци ќе читаат авторите.
И тројцата се познати и вреднувани имиња во македонската литература.
Санде Стојчевски е македонски поет, есеист, книжевен критичар и преведувач. Дипломирал на Филолошкиот факултет во Скопје. Бил новинар, а потоа уредник во образовната редакција во Радио Скопје, уредник, главен уредник и директор на книгоиздателството „Македонска книга“ – Скопје. Член е на Македонскиот ПЕН-центар и на Друштвото на писателите на Македонија.
Елена Пренџова е поетеса и слемерка. Дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје. На книжевната сцена е присутна една деценија, како авторка на шест поетски збирки, од кои четири се наградени со национални награди, и на една коавторска двојазична збирка, во препев на српски. Денес е една од уредниците на најстарото книжевно списание „Современост“ и активна членка на ДПМ од 2012 год. Последните неколку години организира слем-натпревари во градовите низ Македонија.
Стефан Марковски е роден и израснат во Гевгелија, каде што завршил основно и средно образование. Дипломирал на Катедрата за компаративна книжевност при Филолошкиот факултет и Институтот за филозофија на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а магистрирал сценарио за филм и ТВ на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Марковски е член на Друштвото на писателите на Македонија, македонскиот центар на Интернационалниот театарски институт и други здруженија.