Книгата раскази „Океан од слики“ од Томислав Османли вечер ќе биде промовирана во Културно-информативниот центар-Скопје. Делото го издаде издавачката куќа „Магор“ од Скопје.
Книгата ќе ја промовираат професорите Лидија Капушевска Дракулевска и Владимир Мартиновски, а извадоци ќе чита актерката Ане Блажовски.
Османли создава во повеќе диспиплини. Автор е на 23 објавени книги: проза, драмски текстови, сценарија, теорија и есеистика. Неговите книжевни творби се преведени на англиски, француски, полски, српски, хрватски, бугарски, романски, грчки, арапски, како и на Ладино, јазикот на сефардаските Евреи.
Со години се занимавал со филмска и театарска критика и публицистика. Член е на Друштвото на писателите на Македонија и на Македонскиот ПЕН центар. Од 1976 година работел како новинар и уредник секогаш на рубрики или програми од културата, а денес е слободен уметник, писател, сценарист и драмски автор со бројни меѓународни референци. За својата разновидна уметничка и новинарска работа добитник е на близу дваесет награди.