Промоција на книгата „Рана и јанза“ од Ефтим Клетников ќе се одржи утревечер во 19.19 часот во „Салон 19:19“ во Културно-информативниот центар. Книгата е компонирана од стотина есеи на темата „Македонија – Европа“,и ситуацијата во тој контекст на модерната цивилизација. Промотори се Ристо Никоски и Сотир Костов, извадоци ќе чита Александар Џуровски – артист, а музичката изведба е на Марјан Јанковски – кавал.
Ефтим Клетников (Негрево, 1946), дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје.
Спаѓа во редот на најкомплетните современи македонски писатели. Во изминатите четири децении објави петнаесет дела од областа на критиката и есејот, девет дела за деца и млади, седумнаесет стихозбирки, десет антологиски избори, преведе над педесет дела од руската, француската, српската и словенечката литература. Препејува од руски, француски, словенечки, српски, хрватски, словачки јазик. Добитник е на повеќе книжевни награди. Неговата поезија е застапена во голем број антологии и преведена е на неколку јазици.