Вечерва во 19 часот во малата сала од Центарот за култура во Кичево, ќе биде промовирана книгата на Мира Илијоска „Мојот чекор“. Ова е нејзино второ дело, откако пред дваесетина години го издаде прозното првенче „Патување низ спомените“. Книгата се состои од три циклуси и тоа од патриотски, лирски и циклус поврзан со секојдневието.
-Книгата „Мојот чекор“ е симбиоза на чувства насочени во повеќе правци. Опфатени се патриотизмот, родителството, поточно мајчинството, лириката, социјалата и милосрдието, а љубовта како главен двигател на сите нив како основа на секој напишан збор, дише од секоја строфа, врие како вулкан од секоја песна. Напишаните стихови се посветени пред се на моите две деца, две сонца, моите два света, како милувам да ги наречам нив. Токму во нив ја гледам својата иднина, среќа и надеж за подобро утре – вели авторката Мира Илијоска, доктор по вокација писателка и поетеса по душа.
Како што сама најави, наскоро од печат ќе излезе и нејзината поетска книга за деца „Жуборливи поточиња“ како и романот „Непокорец“. Илијоска е членка на Литературниот клуб „Китка“ од Кичево од своето формирање, а со пишување се занимава од рана возраст, учесник е на поетски средби во повеќе градови во земјава и добитник на голем број признанија и награди.
З.А.