Новата книга „Бдеењето на Одисеј” на писателот, професор и преведувач Драги Михајловски, ќе биде промовирана вечер во Салон 19,19 во КИЦ.
Книгата е објавена од „Просветно дело“ и е патување во просторот на сеќавањето и реконструкција на неговиот микроуниверзум со помош на личната и колективната меморија врзана за топосот Битола и Битолско.
– Во таа смисла, кажувањето е структурирано како автобиографско кажување за периодот на детството и доживувањата што го чинат, но истовремено е и хроника на идеолошкиот универзум на времето во првите децении на македонското опстојување во СФРЈ, во кое особено умешно се интерполира колективната меморија за вековното опстојување на тој простор како крстосница на вери и народи, времиња и обичаи – соопшти КИЦ.
Драги Михајловски (Битола, 1951) работел како професор по теорија и практика на преведувањето на Катедрата на англиски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески”. За својата работа како писател ги добил речиси сите книжевни награди во Македонија. Неговите дела се преведени на повеќе јазици. Член е на Друштвото на писателите на Македонија, ПЕН на Македонија и на Здужението на писателите за мир во Вашингтон.
Подеднаква важност има и неговата преведувачка дејност од англиски на македонски и обратно. Михајловски повеќе децении го преведуваше творештвото на Вилијам Шекспир, а во 2013 година беше промовирано обемно издание со неговите преводи на сите 37 драми и 154 сонети на светскиот драматург. Тоа е и прво издание на македонски јазик во кое целото творештво на Шекспир е објавено интегрално во една книга. За овој труд проф. Михајловски ја доби наградата за превод „Григор Прличев“.