Промоција на книгата „Идентитетот и медиумите“ од Биљана Рајчинова-Николова, издание на „Ми-ан“, ќе се одржи во Културно-информативниот центар (КИЦ), вечерва, во 19 часот. Промотори се Лорета Георгиевска-Јаковлева и Мишел Павловски.
Рајчинова-Николова за предмет на истражување ја зема релацијата меѓу колективните идентитети и медиумите, за да даде одговор на прашањето каква е релацијата помеѓу процесот на конструирање идентитет и влијанието на медиумите врз тој процес.
Авторката констатира недостиг од емпириско проучување на ваквата релација и го надоместува преку анализа на националните печатени медиуми „Дневник“, „Нова Македонија“ и „Утрински весник“, како едни од значајните фактори во креирањето и презентирањето на јавното мислење. Критериум за избор на овие весници е нивото на нивното влијание врз јавното мислење во Македонија. Од спроведените анализи, Рајчинова заклучува дека идентитетот во македонските печатени медиуми е тема за која сè уште се преговара и се дискутира, односно сè уште се утврдува содржината на поимот македонски идентитет, а медиумите се водечки ресурси за конструирање идентитетски проекти, ресурси што ја снабдуваат заедницата со материјали за самоидентификација.