Новата книга од Румена Бужаровска, збирката раскази со наслов „Не одам никаде“, ќе биде промовирана денеска во кино „Фросина“ во МКЦ.
Делото е своевидно продолжување и надградба на веќе препознатливиот содржински и стилски раскажувачки манир на оваа современа македонска писателка. Оваа книга, составена од седум раскази, на извноредно прецизен и прониклив начин претставува остар и реалистичен, но истовремено суптилен и често трогателен приказ на современата македонска реалност.
По успехот со третата збирка раскази „Мојот маж“, која беше преведена на неколку јазици и имаше завидна балканска промоција, ова е четвртата книга со раскази на авторката, или вкупно 166-от наслов во популарната едиција Проза на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ. Промотори ќе бидат Ирена Цветковиќ и Магдалена Хорват, по што ќе следи дружба со музиката на ди-џеј Ненад Тонкин.
Бужаровска е авторка на збирките раскази „Чкртки“, „Осмица“ и „Мојот маж“, книгичката мали фикции „Спиј“, како и студија за хуморот во книжевноста „За смешното: теориите на хуморот низ призмата на расказот“.