Промоцијата на книгата „Да ти се погоди да живееш во интересни времиња“ од новинарката и колумнистка Весна Дамчевска, издание на „Антолог“, ќе биде на 14 јуни (понеделник) во 20 часот, на платото пред Младинскиот културен центар. Промотор на книгата ќе биде македонскиот книжевен критичар и теоретичар Александар Прокопиев.
Книгата „Да ти се погоди да живееш во интересни времиња (културолошки ставови и искуства)“ е избор од осумдесетина авторски колумни пишувани во последниве десетина години и објавувани, главно, во рубриката „Наш став“, но и на страниците за култура и прилогот ЛИК во дневниот весник „Нова Македонија“. Преобјавени се хронолошки, од најновите до најстарите, заради подобро разбирање на некои теми што се поврзани со одредени настани и поводи.
– Создавајќи во жанр што е потребен и полетен во секоја култура, Весна Дамчевска во својата нова книга нуди модерно, ретко и паметно четиво што ќе ги заинтересира и заинтригира сите мислечки и сензибилни читатели. Парафразирајќи го насловот, на авторката ѝ се погоди да пишува во интересни времиња, но и на современата културна сцена ѝ се погоди да биде протолкувана од ваква авторка – пишува во рецензијата кон книгата Прокопиев.
Весна Дамчевска е новинарка, уредничка, авторка. Дипломира на Интердисциплинарните студии по новинарство на Прaвниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Во 2012 година магистрира на темата „Сликата на жената уметник во биографскиот филм“ на Интердисциплинарните културолошки студии на Институтот за македонска литература. Збирката културолошки ставови и искуства „Да ти се погоди да живееш во интересни времиња“ (2021 г., издавач „Антолог“) е нејзината втора авторска книга, по објавувањето на научната книга „Од собата до Холивуд“ (2013 г., издавач „Зојдер“). Во фокусот на нејзиниот авторски интерес се процесите во современата култура, продукциските, консумеристичките, естетичките и политичките аспекти на културата, феминизмот и антифеминизмот, естетиката на рецепцијата, манифестациите и калкулациите со поимите на популарното, убавото/неубавото…
Од 2008 година работи во реоформениот прв македонски дневен весник „Нова Македонија“, а од 2010 година до денес ги уредува културната рубрика и прилогот за култура, творештво и идеи ЛИК во истиот весник.