Промоција на второто издание на поетската книга „Шшш! Интимистичка Вајбер поезија“ од Елена Пренџова ќе се одржи вечерва, во 20 часот, во домот на културата „Кочо Рацин“. За книгата ќе говори книжевната критичарка и поетеса Марија Мијаковска.
„Шшш! Интимистичка Вајбер поезија“ во јуни 2018 година ја доби наградата „Јован Котески“ за најдобар поетски ракопис на книжевната манифестација „Струшки книжевни средби“, во организација на здружението „Бран“, во Центарот за култура во Струга. Пренџова е првата поетеса на која ѝ е доделена оваа награда. Добитничка е и на националните награди: „Бели мугри“, „Македонска книжевна авангарда“, „Ацо Караманов“ и „Даница Ручигај“.
Авторката вели дека е пишувана во краток здив и дека емоционалната и физичката дистанца помеѓу субјектот и објектот на љубовта, како и кусоста на исказот и стиховите ја навело да ја поднаслови збирката „Вајбер поезија“. За Пренџова „Шшш!“ не претставува активистичка општествено ангажирана поезија, како што се карактеризира стилот на нејзиниот слем, на пример, туку смирена, длабоко рефлексивна и љубовно-еротска поезија, која не треба да се очекува да се чуе на сцена, туку треба да се повикаат тихите одеци на стиховите во умот на оние што ја читаат.
Ова е седма по ред авторска поетска збирка на Пренџова. Покрај поетските збирки, таа објавила и авторска книга есеи, говори, коментари и размисли за поезијата насловена „Мини прирачник за поезија“, а две поетски антологии на кои се јавува како авторка и коавторка.