Промоција на новата книга за деца „Веселата зграда“ од авторката Ана Голејшка Џикова и илустраторот Драган Китановски – Драш ќе се одржи утре, во книжарницата „Литература.мк“ на улицата Македонија, со почеток во 18.30 часот. Сликовницата, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс ламина – публикации“, преку веселите стихови на поетесата Голејшка Џикова и разиграните илустрации од графит-артистот Драш, ни раскажува за жителите на една зграда со седум ката. Во неа, кат по кат, нè запознава со: учителката во пензија Ката, Молња и Громче, електричарот чичко Ват, Јасна, Перо и нивниот мачор Неро, со младиот сликар, магичната Вера, кученцето Луна и семејството гулапчиња.
Промоцијата ќе започне со работилница за деца на тема „Обој ја својата весела зграда“, на која дечињата ќе дадат свое шарено видување на зградата од приказната на Ана и Драш. Промотор на „Веселата зграда“ ќе биде Милан Дамјаноски, доцент по англиска книжевност на филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и рецензент на книгата.