Промоцијата на новата стихозбирка „Гранична состојба“ од Лидија Димковска, во издание на „Или-или“, ќе се одржи вечерва во „Буква“. За книгата ќе зборуваат промоторките Искра Гешоска и Александра Јуруковска.
Ова е седма поетска книга на Димковска, по временска пауза од четири години од стихозбирката „Црно на бело“. Таа се комплетира во година кога авторката добива дури две меѓународни поетски награди за нејзиното досегашно творештво, и двете како прв македонски поет: наградата „Чаша на бесмртноста“, за десетгодишен поетски опус што ја доделува поетскиот фестивал „Лириконфест“, во Велење, Словенија, и наградата „Наим Фрашери“ што ја доделува поетскиот фестивал „Денови на Наим“ во Тетово. На тој начин новата поетска збирка „Гранична состојба“ на Лидија Димковска претставува нов лирски меѓник во нејзината поетска ориентација што донесува нови, актуелни и универзални стихови за човекот, неговото постоење и предизвиците со кои се соочува сега и овде, но и во вечноста.
– Песните од новата стихозбирка на Лидија Димковска се директен одговор на горливите прашања што ги поставува актуелниот миг и кои се поврзани со егзистенцијалните тегобности, личното и колективното сеќавање, односот на историјата и сегашноста, мигрантството, засилувањето на ксенофобијата, исчезнувањето на хуманоста и солидарноста, неизвесностите на постоењето – сето она што ни го донесе почетокот на векот, или што ние му го донесовме на овој век, од кој истрошивме дваесет и една година. Тие се песни на храброст и непомирливост, на искреност и на бескомпромисност, квалитети што отсекогаш биле карактеристики на поетиката на Димковска – вели писателот Гоце Смилевски за книгата.
Лидија Димковска е поетеса, романсиерка и преведувачка од романски и на словенечки на македонски јазик. Објавила шест поетски книги: „Рожби од Исток“ (1992), „Огнот на буквите“ (1994), „Изгризани нокти“ (1998), „Нобел против Нобел“ (2001), „Идеална тежина“ (2008), „pH неутрална за животот и смртта“ (2009) и „Црно на бело“ (2016); три романи: „Скриена камера“ (2004), „Резервен живот“ (2012) и „Но-Уи“ (2016); американскиот дневник „Отаде Л“. (2018) и една збирка куси раскази: „Кога заминав од Карл Либкнехт“ (2019), преведени на повеќе јазици. Нејзините книги биле номинирани и за американската награда „Најдобра книга во превод“, како за поезија така и за проза, за германската „Берлински мост“, за полската „Европски поет на слободата“ и за меѓународната „Балканика“.