Во рамките на шестото издание на фестивалот на европската литература „Книжевни
ѕвезди“ кој годинава се одржува под слоганот „Букстар-20 в.с. ковид-19“, синоќа во Домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци беше промовиран романот „Шардоне и шпагети карбонара“ на младата македонска авторка и воедно кавадарчанка Марта Димитров.
Издавачката куќа „Антолог“ во чие издание е романот уште еднаш потврди дека во овие тешки времиња ги подржува младите македонски автори и нивните книжевни дела. Се радувам дека фестивалот „Букстар“ е за првпат во Кавадарци, особено на фактот дека пред само една година Марта Димитров како волонтер беше ангажирана во организацијата на фестивалот, а сега го промовираме нејзиното второ прозно остварување – изјави Кристина Велевска од издавачката куќа „Антолог“.
Иако романот „Шардоне и шпагети карбонара“ е романса , јас претпочитам да го нарекувам роман за созревањето и разните форми и облици на љубовта. Првата идеја – созревањето ми е најмногу прикажана преку главниот лик Миа, и нејзините настани, а втората идеја преку сите ликови поединечно. Станува збор за романса без многу пресврти, но со доволно длабочина за да го заинтересира читателот, не толку заради приказната, туку заради него самиот. Кога ме прашуваат што ми е главен мотив за пишување секогаш ги потенцирам две главни, водечки идеи, едната е да оставам нешто зад себе, а другата е да им го кажам на другите она што не би можела поинаку да им го пренесам, и притоа од тоа тие, другите да извлечат поуки. Поезијата ја сакам како утрински чај, засладен со убави мисли и да се случува почесто на дневна основа. Но сепак, по надолго и нашироко можам да се реализирам дефинитивно во прозата со тоа што нуди повеќе простор за реализација на мојата фантазија. Во поезијата мораш да бидеш искрен, а во прозата дури е пожелно да фантазираш – вели младата авторка Марта Димитров.
Иако лајф мотивот на романот е љубовта сметам дека Марта Димитров одлично психолошки ги портретира ликовите доловувајчќ ги нивните најдлабоки дилеми и стравови кои ги имаме сите. Таа умешно проникнува во срцевината на нивните проблеми преку заокружени дијалози кои не оставаат дилеми кај читателот и раскажува една убава и топла приказна за љубовта, пријателството, лојалноста – смета резензентот Цветанка Колева.
Романот „Шардоне и шпагети карбонара“ е второ прозно остварување на Марта Димитров кое искрено смета дека и е најдрага книга од трите нејзини изданија: романот
„Разголена душа“ и стихозбирката „Мојот храм е внатре во мене“. Таа е дипломиран преведувач по англиски и германски на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и е запишана на магистарски студии по меѓународен бизнис со странски јазици на Универзитетот ФОН. Пишувањето и е страст од рана возраст, а реализирањето на нејзините прозни и поетски дела во печатена форма е остварување на нејзиниот сон. Исто така интензивно пишува поезија на англиски јазик и е добитник на повеќе дипломи и благодарници за своите поетски остварувања. Ми.М.