Во клубот „Менада“ во Скопје, завчеравечер, беше промовиран деветтиот албум на еден од водечките бендови на современата македонска џез-музика, „Сетстат“.
Бендот постои речиси 30 години во континуитет, а новиот албум е насловен „9IX“ и се најавува како најзрел и најкомплетен нивен албум.
– Од фуриозни панк-фанк бркотници, преку грациозни емоционални мигови и длабокоекспериментални импровизации, до музички беспрекорна убавина. Совршен аудиопродукт за модерниот слушател со повисоки естетски стандарди – посочуваат од бендот.
Албумот го издава дискографската куќа „ПМГЏез“. Во рамките на промоцијата беше претставен и видеоспотот за композицијата „Балтазар“, изработен од фотографот Александрос Стаматиу. Дизајнот на обвивката е на Натали Николовска.