Вечерва во преполната сала од Центарот за култура во Кичево, беше промовирана стихозбирката на Д-р Мира Илијоска „Мојот чекор“, каде во 107 песни се опфатени три циклуси според замислата на авторката на ова дело и тоа патриотски, лирски и од секојдневниот живот.
Покрај самата авторка во текот на вечерашната промоција од најновото дело песни читаа и членовите на Литературниот клуб „Китка“ од Кичево, Оливера Шигоска и Наташа Наумоска, кои воедно ја подготвија и рецензијата за ова дело.
Во една трогателна атмосфера самата авторка со многу емоции им се обрати на многубројните присутни на овој настан.
-Немам зборови да ви се заблагодарам што во толку голем број дојдовте на оваа промоција на моето најново дело. Емоциите се посилни од мене и ве молам да ми простите што на најсензитивен начин ви се обраќам и ви посакувам пријатна вечер-рече на промоцијата авторката Илијоска, и го најави скорешното излегување на романот „Непокорец“. На крајот за спомен на сите присутни Илијоска им подари по една книга од најновата стихозбирка.
Зоран Антоски