Полека светот од богови преоѓа на полубогови, од полубогови на јунаци, од јунаци преоѓа на луѓе, од луѓе на политичари и бирократи и од бирократи преоѓа на болви, рече писателот Венко Андоновски
Најновата книга на Венко Андоновски „Припитомување на кучката: Раскази за лудилото“, во издание на „Три“, беше промовирана завчера, во ресторанот на Младинскиот културен центар, во присуство на многубројна публика и во одлична атмосфера. За книгата и за лудилото, на сцена разговараа авторот Андоновски и промоторката, писателка и издавачка Винка Саздова, која на самиот почеток откри дека книгата ја чинат три циклуси: „Фрески“, „Иконки“ и „Карикатури и гротески“.
– Првите два циклуса „Фрески“ и „Иконки“ се напишани во неговиот препознатлив стил, раскошен и имагинативен, оној што го знаеме по „Вештица“ и „Папокот на светот“, додека, пак, „Карикатури и гротески“ е еден вид духовит, ироничен, прониклив, луциден став, пренесен преку неговите ликови и приказни за стварноста и она што ни се случува – рече Саздова за расказите во „Припитомување на кучката“.
Венко Андоновски во првите два циклуса ги покажува познатите благородни форми на лудило, лудилото на љубовта и лудилото на генијалноста, и формите на класичното лудило на недостигот.
– Мислам дека сите ние се наоѓаме во една чудна ситуација и не мислам само на Македонија, мислам на целиот свет. Се наоѓаме во една ситуација кога сето она што до вчера беше прогласувано за ненормално, за лудо, полека ги добива своите вредности во нашиот пантеон и секојдневно живеење, па дури и некои од тие вредности стануваат и наши зависности. Јас решив да покажам дека во моја смисла, лудилото може да се појави во неколку варијанти. Првата е она креативно лудило што го имаме во „Фрески“, лудило што одговара на она што Едгар Алан По го нарече највисока форма на интелигенција. Има и едно друго лудило, лудилото на љубовта, во кое учествуваме сите ние – додаде Андоновски за вториот циклус од книгата, насловен „Иконки“.
Говорејќи за третиот циклус „Карикатури и гротески“, писателот нагласи дека тој покажува еден особен тип на лудило, кое, фактички, и не е лудило затоа што лудилото по дефиниција подразбира нешто да ви недостига.
– Ова трето лудило е лудило што доаѓа од изобилство, а не од недостиг. Одеднаш имате премногу од сѐ, а стара вистина е дека кога имате премногу од сѐ, вие го немате тоа што го имате – истакна Венко Андоновски.
Една од речениците во неговата најнова книга „Припитомување на кучката: Раскази за лудилото“ гласи: „Ова не е време на јунаци, чуму јунак во ова време кога само болви владеат со светот“. За неа, Андоновски ќе рече дека е реченица што точно објаснува зошто тој всушност и ја напишал целата книга и зошто расказите се подредени од „Фрески“ до „Гротески“.
– „Фрески“ значи нешто крупно и свето, „Иконки“ е помало и свето, а „Карикатури и гротески“ се нешто апсолутно несвето. Таа реченица покажува дека полека светот од богови преоѓа на полубогови, од полубогови на јунаци, од јунаци преоѓа на луѓе, од луѓе на политичари и бирократи и од бирократи преоѓа на болви. Имаме еден постојан пад на категориите, од возвишено до најниско. Дури последниот циклус и тие ликови што ги креирам се тотална инверзија на човештвото. А сакам да напоменам дека сите ликови се измислени, иако можат да имаат свои пандани во реалноста – рече Андоновски.
Тема на дискусија на промоцијата беше, секако, и самиот наслов на книгата, за која иако многумина добиваат асоцијација дека можеби „кучката“ е синоним за жената, Венко рече дека самиот наслов не говори за ништо друго освен за желбата на секој човек да припитоми нешто или некого, но и за желбата на секој човек да ја држи контролата во своите раце, без притоа да посвети внимание на своите идеали и амбиции, на себеси и себеприпитомувањето.
Венко Андоновски по подолго време се враќа на прозниот минимализам. По успехот на неговите романи „Папокот на светот“ и „Вештица“, како и успехот на неговите драми, „Олово на перница“, „Генетика на кучињата“, „За секого има по една“ и „Господарот на кукавицата“, Андоновски се врати со „Припитомување на кучката“, дело кое, како што е најавено, го потврдува неговото прозно мајсторство.