Во организација на Националната установа Центар за култура Крива Паланка синоќа се одржа промоција на книгата „Последната книга на планетата земја” од младиот автор Филип Петровски од Куманово.
 
Романот е втора книга проза на Петровски, која за разлика од првата психолошко- филозофска, е научно-фантастичен трилер, со елементи на авантуристички роман.
 
– Ова е дело со пост-апокалиптична тематика, говори за блиската иднина во која луѓето се опседнати со паметни телефони и мислат дека интернетот им носи олеснувања и придобивки, но во нив се вградени чипови и тие се контролираат во секое движење. Главниот лик интуитивно сака да ги спаси, но до последните страници не се знае кој и дали ќе преживее. Книгата упатува на човечноста во човекот, на човекољубието – изјави авторот Петровски.
 
Тематиката е современа, а научно-фантастичното што провејува во книгата, на промоцијата беше надополнето со музичката изведба.
 
Филип Петровски е роден во Куманово во 1993 година, дипломирал на Факултетот за музичка уметност, фаготист, а „Последната книга на планетата земја” премиерно беше промовирана во декември 2018 година. Петровски е автор на уште една книга, „Светот во световите”.