Книгата „Воздигање над облаци” составена од 163 есеи и раскази од авторот Ѓорѓи Филипов беше промовирана денеска во киното „Култура“ во Скопје.
Есеите и расказите во книгата претставуваат извадоци од текстови објавени изминатите три години на фејсбук профилот на професорот Филипов и се поделени во три подрачја „патописи“, „цртички“ и „размислувања“.
Според авторот, книгата зборува за меѓусебната почит и постоењето на други светови и претставува потрага по мир, љубов, соработка и толеранција меѓу луѓето.
– Колку и да изгледа облачно постои излез, тоа е целата порака на книгата. Колку и да ви е тешко вам, како поединец или на вашата фамилија, секогаш може да огрее сонце, доколку правилно ги насочите вашите мисли и правилно ги насочите вашите акции кон излез од таа состојба, рече Филипов.
„Воздигање над облаци”е десетта книга на Ѓорги Филипов, а четврта од истата област, по трилогијата книги „Свеќа и светлина објавена“, „Разумни сили“ и „Радиус на срцето“. Издавач е ДИС Берин.
Ѓорѓи Филипов е доктор по технолошки науки. Дипломирал на Машинскиот факултет при УКИМ во Скопје во 1981 година, а докторирал 1998 година на истиот Универзитет. Беше амбасадор на Македонија во Германија (2005-2010) и Австрија (2010-2014).