На програмата на Кинотеката на Македонија викендов се прикажа филмот „Хај-фај“ (1987) на Владимир Блажевски, еден од петте дигитално реставрирани македонски играни филмови објавени на ДВД-носач. Проекцијата на филмот беше во чест на неодамна починатиот актер и продуцент Данчо Чевревски (1951-2020), кој во „Хај-фај“ оствари една од неговите позначајни улоги. Секој посетител доби подарок – ДВД-издание со дигитално реставрираните играни и документарни филмови на Столе Попов.
Данчо (Јорданчо) Чевревски дипломирал на ФДУ во Скопје на отсекот за драмски актери. Актерство на филм усовршувал на универзитетот УКЛА во Лос Анџелес, САД. Бил и декан на ФДУ. Глумел во десетици македонски и југословенски филмови. Македонската филмографија на Чевревски ги содржи следниве наслови: „Најдолгиот пат“ на Бранко Гапо, „Пресуда“ на Трајче Попов, „Оловна бригада“ на Кирил Ценевски, „Црвениот коњ“ на Столе Попов, „Јужна патека“ на Стево Црвенковски, „Нели ти реков“ на Стево Црвенковски, „Тетовирање“ на Столе Попов, „Џипси меџик“ на Столе Попов, „Илузија“ на Светозар Ристовски и др.
Чевревски ќе биде запаметен и по неговите улоги во филмовите од понов датум: „Панкот не е мртов“ (2008) на Владимир Блажевски, „Деца на сонцето“ (2014) на Антонио Митрикески, „Втора шанса“ (2019) на Марија Џиџева, а како еден од основачите на продукциската куќа „Триангл“ ги продуцирал и филмовите на Столе Попов.