Документарниот филм „Џезмен“, на режисерот Аљоша Симјановски, ќе биде прикажан во Кино Одеон во Софија (бул. „Патриарх Евтимиј“ 1) на 5 ноември 2019 година, од 18 часот. По прикажувањето на документарниот филм во Софија следува проекцијата и во Пловдив („Lucky“ Дом на киното во Пловдив, ул. „Гладстон“ 1), на 6 ноември од 19 часот.
На премиерата на филмот во Софија, освен режисерот Аљоша Симјановски, ќе присуствуваат и продуцентот на филмот Љупчо Стојановски, како и извршниот продуцент Горан Цветковиќ. Тие ќе го претстават филмот пред софиската публика.
Во филмот учествуваат: Велибор Педевски, Милчо Левиев, Вадада, Лео Смит, Реџи Николсон, Реџи Воркмен, Ентони Брекстон, Сесил Тејлор, Брендон Рос, Греам Хејнс, Даг Вајзелман, Влатко Стефановски, Љупчо Поповски, Тимчо Апостолов, Марко Коловски, Оливер Белопета, Душан „Која“ Коиќ.
„Џезмен“ е проект – документарна сторија за живот посветен на уметноста на џезот, која ја раскажува Велибор Педевски, човекот своевиден фокус на збиднувањата на овој творечки феномен, една од најпрестижните и најважните културни американски експорти што го освои светот, како своевидна мултикултурна уметност, но и како методолошка постапка и одредница на артистичката слобода.