Здружението на филмски продуценти на Македонија (МЗФП), од денеска до 19 ноември го организира проектот „Европски филм за млада публика“ во рамките на кој ќе бидат прикажани три европски филма во четири града во Македонија.
Во Неготино, Гостивар, Радовиш и Струга во два, односно три дена ќе бидат прикажани филмовите „Младешка осаменост“ – француски документарен филм, во режија на Клер Симон, 2018 година; „Крај мене“ – романски игран филм во режија на Теди Некула, 2017 година; „Стрикер (натрапник)’’ – швајцарски игран филм во режија на Питер Луизи, 2017 година.
-Преку овој проект сакаме да ѝ презентираме на младата публика филмови кои се различни од холивудските и да ги запознаеме со културните вредности од европските земји, но и да им ја доближиме европската кинематографија, соопштија организаторите.
Проектот е поддржан од Министерството за култура во рамките на манифестацијата „Млади Европејци“.