Вториот конкурс за книжевната награда за најдобар необјавен роман на годината „Пегаз“, распишан од издавачката куќа „Арс ламина“ и фондацијата „Славко Јаневски“, предизвика голем интерес кај авторите. Од 15 мај до 15 јуни пристигнаа 61 ракопис. Во следниот период ракописите ќе ги оценува тричлена комисија во состав: Лидија Капушевска-Дракулевска, Давор Стојановски и Бисера Бендевска.
– Иако станува збор за релативно нова книжевна награда, радува фактот што втора година едноподруго, тој е предизвик за значаен број творци, меѓу кои има нови таленти, но и етаблирани писатели.
Ова издание е особено значајно и е предизвик за нас како организатори, бидејќи се одвива во поинакви и потешки услови, поради актуелната пандемија на коронавирусот, кога условите за работа и творење се отежнати. Но пристигнатите повеќе од 60 ракописи, влеваат оптимизам дека креативноста не познава препреки – вели Бранка Бугариска, од „Арс ламина“.
Наградата се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција. Добитникот на наградата ќе биде соопштен најдоцна до 30 септември. Доколку и некој друг од ракописите биде оценет позитивно, издавачот „Арс ламина“ може да понуди објавување и на второ и на треторангираните романи.
– Уште кога започна глобалната здравствена криза апсолутно беше јасно дека светот барем извесно време ќе биде многу поинаков од оној што до скоро го познававме. Многу слободи се ограничија и уште се ограничени, меѓутоа она што го научивме е дека слободата на духот и натаму ќе остане неограничена. Се разбира дека наградата за најдобар необјавен роман е само мал придонес во потврда на оваа теза – вели Ѕвездан Георгиевски од фондацијата „Славко Јаневски“.
На минатогодишното, прво издание на „Пегаз“, за победник беше избран романот „Насон прочитана книга“ од авторката Соња Манџук.