В понеделник од 19.30 часот со прикажувањето на претставата „Пиреј“ од Петре. М. Андреевски, во режија на Љупчо Ѓоргиевски, театарот „Војдан Чернодрински“ ќе одбележи 69 години од основањето. Публиката ќе има можност да ја проследи извонредната претстава за трагичната судбина на Јон и Велика, досега изведена над десет пати.
„Пиреј“ е вонвременска и потресна приказна за неуништливоста на македонскиот народ и неговото страдање, во која играат: Марија Спиркоска Илиjеска, Александар Степанулески, Катерина Чакмакоска Клинческа, Зоран Иваноски, Игор Трпчески и др. Сценографија е на Валентин Светозарев, костимите на Андреј Ѓоргиевски, а автор на музиката е Димитар Андоновски.
Завесата во театарот првпат се кренала на 18 февруари 1950 година со изведбата на претставата „Кир Јања“од Ј.С. Поповиќ, во режија на Аце Михајлоски. Низ годините театарот ,,Војдан Чернодрински“ растел и се развивал. Прикажани се над 370 премиери, одиграни се над 7.000 претстави, кои ги гледале околу 2 милиони луѓе. Меѓу претставите што се за одбележување се најгледаната „Солунски патрдии“ во режија на Коле Ангеловски, потоа „Од кол на кол“ исто во режија на Коле Ангеловски.
Останале запаметени голем број претстави меѓу кои: „Силјан Штркот“, „Кумови“, „Собирен центар“, „Туѓо сакаме свое не даваме“, „Колобан“, „Молам за секс“, „Спиро Црне“, „Арсениј“, „Полковникот птица“, „Опера за три гроша“ и др. Изминатите години театарот освои голем број награди не само на фестивалот „Војдан Чернодрински“, туку и на „Ристо Шишков“, како и на ЕКСПОНТО во Љубљана, МЕСС во Сараево, на фестивалот на актерот во Никшиќ… Наградени се претставите: „Тапани во ноќта“, „Кавкаскиот круг со креда“, „Змејовата невеста“, „Клетници“ и др. Во годината кога се одбележуваат 69 години од основањето, театарот со поддршка од Министерството за култура ќе реализира четири премиери, а на редовниот репертоар се неколку претстави.