Изложба на фотографии со наслов „Приватни демони“ на нашата фоторепортерка Маја Јаневска-Илиева во соработка со уметникот Велимир Жерновски ќе биде отворена вечерва, во 21 часот, во горното фоаје на МКЦ, во рамките на саемот на уметноста „Ин ситу“.
– Јавен простор, по дефиниција, се нарекува опкружувањето на човекот што е во колективна сопственост на заедницата, проектиран како отворен простор за сечија употреба. Спротивно на него, приватниот простор е местото во сопственост на поединецот и служи за негова лична употреба и задоволство. Изложбата има за цел, преку визуелна манипулација, да ја истражи можноста за јавниот простор да се претвори во приватен, а притоа да не се наруши неговата категорија на отвореност за сите – се вели во најавата.
Изложбата „Приватни демони“ се состои од диптиси, серија од две фотографии снимени на иста локација, но на различна светлинска изложеност. Првата е прекуден, на сончева светлина, и го претставува сегментот од јавниот простор во неговата реална состојба. На втората фотографија, во друг светлински третман – ноќе, истиот простор станува приватен и личен, кога Жерновски мракот го користи како платно за цртање на неговите фантастични форми. Светлинската интервенција на Жерновски е миговна и го облагородува јавниот простор интимно, не одземајќи му ништо од неговиот заеднички карактер.