На 20 февруари со почеток во 20 часот, на големата сцена во МНТ ќе гостува Народно позориште од Приштина/Грачаница со претставата „Женидба“, од Николај Василевич Гогољ, а во режија на Милан Караџиќ. Претставата е копродукциски проект помеѓу Народно позориште Приштина и Српско народно позориште од Нови Сад.
Според режисерот, во „Женидба“, Гогољ во прв план сакал да ги стави и да ги исмее општествените аномалии од неговото време – лицемерието, желбата за статус по секоја цена, робувањето на нормите на граѓанското општество…
Женидбата за која тој говори не е женидба од љубов. Тоа е општествена обврска, статусен симбол, исполнување на форма за која неговите ликови мечтаат, и токму тоа ги прави комични. Иако се поминати многу години од кога е напишана драмата, сите тие аномалии сѐ уште се актуелни и присутни во секое општество, па и во нашето, и за нив е секогаш потребно да се говори низ театарот.
Она што најмногу го поттикна и го инспирираше режисерот да се одлучи токму за оваа драма е токму нејзиниот психолошки слој, односно маестрално изнијансираните ликови, кои не се црно-бели, туку се многу живописни, но истовремено и подложни на осуди и сожалувања, кои поради сопствената безволност и нерасположеност на духот, стравот да излезат од сопствената чаура, не се во состојба да направат каков било чекор во своите животи. За да ги разбереме ликовите денес, сѐ што треба да направиме е да се погледнеме во огледало.
Во претставата играат: Jeлена Орловиќ, Милена Јакшиќ, Аника Грујиќ, Милан Васиќ, Игор Дамњановиќ, Милорад Капор, Небојша Ѓорѓевиќ, Бојан Стојчетовиќ, Бранко Бабовиќ, Тамара Томановиќ, Бранко Бабовиќ. Костимограф е Драгица Лаушевиќ, а сценографијата и изборот на музиката се на Милан Караџиќ.Билетите се пуштени во продажба преку веб-страницата www.mnt.mk и на билетарницата во МНТ.