НУ Театар Комедија започнува турнеја низ нашата држава со претставата „Вардарски пастуви“. Почетокот на турнејата е закажан за 27 мај, понеделник, во Кочани, каде што претставата ќе биде дел од свеченото отворање на ДАФ (Фестивал на аматерскиот театар), а веќе следниот ден, на 28 мај, екипата на „Вардарски пастуви“ ќе игра во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица.
– Одамна размислуваме да направиме една мини турнеја низ нашава земја со хит претставата на Театар Комедија, „Вардарски пастуви“. По неколку разговори и анализи, одлучивме дека е созреано времето за да започнеме со реализација на оваа турнеја. Како што е познато, секоја изведба на оваа претстава е целосно распродадена во нашиот театар и ги руши сите рекорди на гледаност, па така најчесто билетите се распродаваат за само 40 минути. Многумина од посетителите ни реагираат бидејќи не можат да дојдат на ред за билет. Морам да истакнам дека имаме многу побарувања за оваа претстава и за надвор од Скопје. Ние како управа решивме да започнеме со турнеја низ државата, стартуваме со Кочани и Струмица, но во план ни се уште неколку градови – изјави директорот на НУ Театар Комедија, Сашо Ристовски.
Во претставата играат: Атанас Атанасовски, Тино Костадиновски, Жарко Димоски, Илија Илиоски, Столе Мицов, Едмонд Сотир, Жаклина Петровска и Ердоан Максут, а режисер е хит мејкерот Синиша Евтимов.