Наспроти Денот на независноста 8 Септември, вечерва на отворената сцена пред Центарот за култура во Кичево, настапи гудачкиот квартет „Вива стрингс“ од Скопје. На програмата беа застапени композиции од светски познатите Мајкл Џексон, Бритни Спирс, „Јуритмикс“, Квин и многу други, со нивни вонвременски хитови.
Присутните беа презадоволни од она што вечерва го слушнаа и би посакале тоа почесто да се случува во нивниот град, а дел од слушателите беа граѓани кои се блиску до музиката или се активно вклучени на ова поле.
– Во овие стотина минути, колку што траеше вечерашниот концерт, уживав во она што ни го интерпретираа членовите на гудачкиот квартет „Вива-стрингс“ од Скопје. Единствено недостигаа поголем број на слушатели, затоа што ова е ретка можност во нашиот град да се слушне ваков вид на музика. Бидејќи овие нумери се слушани од сите генерации, очекував и поголем број помлади слушатели од градот да бидат присутни на овој концерт – рече на крајот Ана Софрониевска, ученичка и победничка на неколку средношколски натпревари во категорија пијано.
Од Центарот за култура се погрижија целокупниот настан да протекне во склад со протоколите пропишани за ковид-19. Беа поставени помал број седишта отколку што вообичаено се поставуваат на овој простор, со прописно растојание од околу 2 метра, а сите што сакаа да бидат на овој настан, мораа на влезот да ги дезинфицираат рацете, да им биде измерена телесна температура и задолжително да носат маски. З.А.