Коja e нобеловката Луиз Глик?
„Премногу е рано! Дајте ми две минути да испијам кафе“, бил првиот коментар на американската поетеса Луиз Глик, кога завчера телефонски ја известиле дека е добитничка на годинешната Нобелова награда за литература. На прашањето што ѝ значи добивањето на Нобеловата награда, во телефонското интервју Глик рекла: „Првата помисла ми беше дека нема да имам веќе пријатели, бидејќи сите мои пријатели се писатели“, а потоа додала: „Сега ќе можам да си купам куќа во Вермонт“.
– Пишувањето за мене е некој вид одмазда против лошата среќа, загубата и болката. Се чувствувам живо додека пишувам. Тоа е мојата потрага за смислата – изјавила во една пригода Луиз Глик.
Нејзината поезија зборува за интимното наследство, колективното сеќавање, митската обнова на нашето сеќавање за светот, борбата со малите ужаси на секојдневието, постојаната амбивалентност кон човечкото искуство и неговото значење.
– Поезија почнав да читам уште како дете. Се сеќавам на мојата одушевеност од песната „Малото црно момче“ на Вилијам Блејк, таа тага што како петгодишно девојче ја разбрав на свој начин. Во мојата глава дури организирав избор за најдобра песна, и тоа врз основа на моето сиромашно познавање на поезијата. Мислам дека уште во раните тинејџерски години знаев дека сакам да бидам писателка – изјавила во едно интервју нобеловката, објаснувајќи дека нејзината рана желба да биде глумица, всушност, само бил копнеж за признание.
Родена во 1943 година, напишала 12 збирки поезија и книга есеи за поезијата, наречена „Докази и теории“. Најновата збирка „Верна и доблесна ноќ“ ја објави во 2014 година. Во текот на кариерата долга шест децении, ги истражувала траумата, смртта и исцелувањето преку песни што критичарите ги оценуваат како исповедни. Во песните на нобеловката се слушаат нејзините соништа, заблуди и соочувања со илузиите. Сепак, Нобеловиот комитет во своето образложение наведе дека иако поезијата на Луиз Глик има автобиографски елементи, таа не смее да се смета за исповедна, бидејќи тежнее кон универзалност, како што пренесува престижниот „Гардијан“.
Глик пишувала и за проблемот со анорексијата, со која се борела додека била тинејџерка, а за што подоцна рекла дека било резултат на нејзините напори да воспостави независност во однос на мајката, како и поради смртта на нејзината постара сестра што се случила пред да се роди. Во текот на терапискиот процес, одлучила да посетува поетски работилници, паралелно со студиите, и тогаш почнала да трага по својот поетски глас. Првата збирка поезија ја објавила во 1968 година.
Зборувајќи за своето детство, нобеловката признала дека „не била популарна во училиште“.
– На другите им бев чудна, беа безобразни кон мене, поради што уште повеќе се повлекував во себе. Потоа страдав од анорексија, па ме отпишаа од средното училиште. Бев на работ на смртта, но денес знам дека не бев само самодеструктивна, туку дека се барав себеси, и тоа, очигледно, со погрешни методи. Психоанализата ми помогна да се разберам себеси и моето место во светот и тогаш почнав да посетувам поетски работилници, да ја спасувам мојата душа – вели Глик.
Шведската академија на науките одлучи да ја награди оваа американска поетеса „за нејзиниот непогрешлив поетски глас, кој со својата строга убавина го прави индивидуалното постоење универзално“. Ја доби Пулицеровата награда за поезија во 1993 година за нејзината збирка „Див ирис“. Таа беше прогласена за американски лауреат на поетите во 2003 година, а во 2016 година го доби Националниот хуманитарен медал од тогашниот претседател на САД, Барак Обама. По потекло од семејство на унгарски Евреи, кои емигрирале во САД, Луиз Глик е родена во Њујорк, а денес живее во Кембриџ. Освен што пишува, предава англиски на универзитетот „Јејл“.
Јасмин
Ти велам, не е тоа месечина.
Туку тоа се цветови
што дворот го осветлуваат.
Ги мразам.
Ги мразам како што го мразам сексот,
устите на мажите
што ми ја жигосуваат устата, телото
на маж што парализира –
и плачот што секогаш се измолкнува,
тивката, понижувачка
претпоставка на спојувањето –
Ноќеска во себе
ги слушам прашањето и одговорот што следи,
стопени се во еден звук
што се шири и шири и тогаш се
раскршува во моите стари „јас“,
во уморните спротивставувања. Гледаш ли?
Од себе направивме будали.
А мирисот на јасмин
низ прозорецот струи.
Како тогаш можам да се одморам?
Како можам да бидам задоволна
кога на светот сѐ уште
тој мирис постои?
Луиз Глик