Претставата „Злосторството на 21 век“ од британскиот автор Едвард Бонд, во режија на Владимир Милчин, премиерно ќе биде изведена вечерва, во 20 часот, во театарот „Јордан Х.К-Џинот“ во Велес. Ова е македонска праизведба на третиот драмски текст од антивоената трилогија на Едвард Бонд, еден од најважните живи драмски автори, длабоко контроверзен поради насилството прикажано во неговите пиеси, радикалноста на неговите ставови за модерниот театар и општеството, како и неговите теории за драмата.
Во претставата играат: Маја Љутков, Жарко Спасовски, Фаик Мефаилоски и Талија Настова. Сценографијата е на Крсте Џидров, костимографијата на Марија Пупуческа, а автор на музиката е Марјан Неќак.