Вечерва, со почеток во 20 часот, во киното „Фросина“ премиерно ќе биде прикажан документарниот филм „Ѕвезден запис над Кокино“, на „ДМФ продукција“. Филмот ја раскажува приказната за четвртата по старост мегалитска опсерваторија, Татиќев Камен или Кокино. Во филмот се раскажани историјатот, археолошките откритија и мистериите на овој древен објект.
Македонскиот Стоунхенџ во 2005 година е препознаен од НАСА како опсерваторија постара дури и од Мачу Пикчу. Која древна цивилизација ја изградила оваа опсерваторија, која истовремено е и света планина и календар за читање на времето и небесните тела? Кои се луѓето што го следеле движењето на мистичните Плејади?
Документарниот филм „Ѕвезден запис над Кокино“ ќе се обиде да одговори на овие прашања и на многу други. Кокино е древна приказна, која трае четири милениуми.
Сместено само на 75 километри од Скопје и на надморска височина од 1.030 метри, на врвот Татиќев Камен, Кокино сведочи за животот во 21 век, но пред нашата ера.
Интересно е дека оваа мегалитска опсерваторија, која беше откриена во 2001 година и која потекнува од бронзеното време, само за неколку години од НАСА беше ставена на четвртото место како една од најстарите опсерватории во светот, заедно со Мачу Пикчу во Перу, Стоунхенџ во Велика Британија или Ангкор Ват во Камбоџа.
Влезот на проекцијата ќе биде бесплатен.