По повод 57 години од земјотресот
По повод 57-годишнината од скопскиот земјотрес, на 26 јули (недела) со почеток во 21 часот, во организација на Кинотеката на Македонија и Македонскиот центар за фотографија, премиерно ќе бидат прикажани два документарни филма. Првиот е насловен „Првата светска војна, сеќавања“, трае 30 минути, а автор е Роберт Јанкулоски. Вториот документарец „Преживеани спомени“ Роберт Јанкулоски го прави заедно со Моника Мотеска. На проекцијата ќе се обрати амбасадорката на Швајцарија во Македонија, Сибил Зутер Техада.
Филмот „Преживеани спомени“ е дел од проектот „Фотографијата сведок или жртва“ реализиран од страна на Македонскиот центар за фотографија во 2014 година, во кој осум наши сограѓани евоцираат спомени како го преживеале земјотресот од 1963 година и што е она што засекогаш ќе го паметат од тоа летно утро. Филмот е направен како дел од покомплексна уметничка инсталација и првпат се проектира надвор од поставката. Овој проект беше финансиран од амбасадата на Холандија во Македонија.
„Првата светска војна, сеќавања“, пак, е посветен на Македонскиот фронт и на жртвите од Првата светска војна. Филмот е сниман во Македонија, Србија и во Швајцарија, а финансиски е поддржан од амбасадата на Швајцарија во Македонија.
Изложбата на фотографии со наслов „Сеќавања“ на Јанкуловски требаше да биде отворена на 11 март за кога беше предвидена и проекција на истоимениот документарец во „Мала станица“. Тие поради пандемијата на коронавирусот беа одложени.
– Изложбата и филмот се дел од проектот „Прва светска војна – Сеќавања“, кој го работевме минатата година. Правевме истражување на места и настани поврзани со Македонскиот фронт и сакавме да ги прикажеме случувањата за време на Првата светска војна од наш ракурс, затоа што во ниедни официјални документи нема загинати македонски војници или македонски цивили, а фронтот три години се протегал на македонска територија. Исто така направивме истражување во врска со Арчибалд Рајс, значајна фигура од времето на Големата војна чие срце почива во капелата на Кајмакчалан.
На изложбата се изложени 102 фотографии на кои се прикажани местата каде што бил фронтот, воени објекти од тој период, спомен-обележја, како и стари фотографии изработени од оригинални стаклени плочи меѓу кои и фотографијата од 1928 година на која е Арчибалд Рајс, снимена од страна на браќата Манаки. Оваа фотографија е една од четирите фотографии на Манаки на кои е фотографиран Рајс и првпат се прикажува на изложба. Иако станува збор за документарни фотографии, испочитувани се сите естетски критериуми на фотографијата како при снимањето така и при самата поставка, која заедно со Моника Мотеска ја поставивме како фотоинсталација. Филмот е посебна целина, кој содржински следи дел од изложбата, но со друг јазик раскажува дел од „Големата“ приказна – вели Јанкуловски.
На настанот во Кинотеката ќе важат правила за безбедност: задолжителна дезинфекција на рацете при влез во дворот и објектот, носење маска или заштита преку устата и носот, одржување дистанца додека се следи проекцијата.