Проектот „Преекспонирано“ е психолошка драма, која низ љубовен триаголник на брачна двојка и девојка на прагот на полнолетство ги истражува темите на осаменост и отуѓеност, но и лицемерство и страв, спакувани под на изглед совршена форма на брак на двајца интелектуалци, се вели во дел од одлуката на комисијата на Филмскиот центар на Србија
Управниот одбор на Филмскиот центар на Србија донесе одлука за доделување средства за финансирање и кофинансирање проекти во кинематографијата за 2019 година во категоријата кофинансирање производство на малцински копродукции. Усвоен е предлогот на конкурсната комисија на Филмскиот центар на Србија и поддржани се девет долгометражни филмови, еден краток игран филм и еден долгометражен документарен филм.
Меѓу одобрените проекти се најде и еден македонски филм, кој под работен наслов „Преекспонирано“, во продукција на „Лилит“, ќе го снима македонската режисерка Елеонора Венинова.
– Проектот „Преекспонирано“ е психолошка драма, која низ љубовен триаголник на брачна двојка и девојка на прагот на полнолетство ги истражува темите на осаменост и отуѓеност, но и лицемерство и страв, спакувани под на изглед совршена форма на брак на двајца интелектуалци – се вели во дел од одлуката на комисијата на Филмскиот центар на Србија.
Во мај годинава краткиот филм на македонската режисерка Елеонора Венинова беше дел од балканскиот омнибус што се прикажа на годинашниот Кански филмски фестивал (14-25 мај). Филмот „Знакот“, кој е дел од балканска копродукција, се прикажа во програмата „15 дена на авторите“, популарна како „Кензен“. Венинова, чии кратки филмови „Влакна“ и „Борба за смрт“ добија повеќе награди на фестивали низ светот, на последниот конкурс на Агенцијата за филм доби поддршка за својот прв долгометражен филм „Преекспонирано“ на „ДНФ филм“ од 18 милиони денари, кој сега добива дополнителни средства од Филмскиот центар на Србија.
Венинова е авторка на многу документарни и играни филмови, но активна е и во продукцијата за најмладите, како сценаристка на популарната детска емисија „Пет плус“ и детскиот цртан филм „Прасето што сакаше да биде птица“. Нејзиниот краткометражен филм „Влакна“, со Ирена Ристиќ и српскиот актер Бојан Жировиќ во главните улоги, ја освои наградата за најдобар трилер на Канадскиот интернационален филмски фестивал што се одржа во Ванкувер. Претходно овој филм беше награден и на фестивалот „Ворлдфест Хјустон“ во американската држава Тексас.
Меѓу одобрените проекти од Филмскиот центар на Србија се и: романскиот филм „Ловец на ветер“ на Михаил Софронеа, хрватскиот „Младиот Тесла и крадците на идеи“ на Петар Орешковиќ, „Луѓето не можат да летаат“ на Зринко Огрист, исто така од Хрватска, словенечкиот „Скриени луѓе“ на Миха Хочевар, црногорскиот „Елегија на лаворот“ на Душан Касалица, „Летна вечер, десет и пол“ од Романија на режисерката Ивана Младеновиќ, германскиот „Езера“ на Дане Комљен, босанскиот „Балада за Пишоња и Жуга“ на Јасмин Дураковиќ, долгометражниот документарен филм од Франција на Али Шери и краткометражниот игран филм „Се случило во длабоката шума“ од Хрватска на Небојша Слјепчевиќ.