Владата го утврди конечниот текст на предлог-законот за јавниот интерес во културата, кој, откако ќе биде усвоен во Собранието, ќе овозможи поотчетно и потранспарентно финансирање на програмите на националните установи во културата и на проектите на другите субјекти во културата.
Со предлог-законот за јавниот интерес во културата се предлагаат измени на досегашниот начин на објавување на годишните конкурси за финансирање на јавниот интерес во културата, на постапката и на критериумите за одлучување по конкурсите, како и воведување други форми за поддршка на културните активности на единиците на локалната самоуправа и на невладините организации.
Со овој предлог-закон се најавува решавање на прашањата за статусот на вработените во културата да бидат усогласени со Законот за административните службеници и Законот за вработените во јавниот сектор, како една од главните заложби утврдени во Националната стратегија за развој на културата.