По нешто повеќе од четири месеци, поради пандемијата со ковид-19, утре во Кичево ќе се случи првиот културен настан, а се работи за коцертот за деца „Музичко другарување“, кој се планира да се одржи на платото пред Центарот за култура со почеток во 12.30 часот.
– Концертот за деца „Музичко другарување“ е културен настан кој во нашиот град и храмот на културата ќе се одржи по пауза од четири и пол месеци. Овој концерт ќе се изведе двојазично на македонски и на албански јазик, што го прави да биде уникатен во секој поглед. Истиот има едукативен карактер, за чување на здравјето, однесувањето и бонтонот и при тоа е интерактивен. Конципиран е со цел децата да можат да бидат вклучени во процесот на презентација а не да бидат само обични слушатели на музички концерти, драмски претстави или музички работилници. Целта на овој проект е да ги сублимира во еден проект, сите претходно наведени проекти – вели директорот на Центарот за култура Мазлам Османи, кој е задоволен што повторно ќе се случуваат културните настани во центарот и додава, дека концертот ќе се одржи според сите протоколи за безбедност од ковид-19.
Ќе бидат поставени триесеттина столчиња, додека актерите на сцената ќе немаат физички допир, ќе носат визири за заштита на лицето, а столчињата ќе бидат поставени на прописно растојание за безбедно следење на овој настан.
Османи за 29 јули најави дека во Центарот за култура „Кочо Рацин“ ќе биде промовирано новото пијано, кое на оваа културна установа и го подарија печалбарите од кичевско на работа во САД. З.А.