Во македонската наука култот кон моштите на светителите, но и воопшто, на христијанските реликвии што се чуваат или се однесени од нашата земја во текот на вековите, речиси не бил предмет на сериозно научно проучување и истражување, вели Ели Луческа, научна советничка во Институтот за старословенска култура од Прилеп
„Култот кон светите мошти на територијата на Македонија“ е насловот на првата монографија за оваа проблематика објавена кај нас, чиј автор е Ели Луческа, научна советничка во Институтот за старословенска култура од Прилеп. Нејзината заинтересираност кон светите мошти се појавила како логично продлабочување на истражувањата поврзани со култот на христијанските светители во културната историја и традиција во Македонија, тема што е во фокусот на нејзините проучувања речиси целиот работен век.
– Разоткривањето на богатството на елементи што го градат култот и народниот лик на светителот беше заокружено со одбраната на мојата докторска дисертација „Култот на христијанските светци во народната традиција на Македонците“ (2008), која, пак, преработена во некои содржини, излезе од печат со наслов „Култот на христијанските светци во Македонија. Историја и традиција“ (2010) – вели Луческа.
Вниманието ѝ го привлекле неколку преданија поврзани со светите мошти, запишани од М.К. Цепенков, а истовремено и чудотворноста на нивната моќ засведочена во житијата на светите, и така започнала со истражувањата.
– Потрагата по историските траги на народните и црковните преданија и легенди за моштите на христијанските светители, кои се, несомнено, одраз на народното толкување на историските лица и настани и кои често не одат далеку од историската вистина, ме доведе до заклучокот дека во македонската наука, култот кон моштите на светителите, но и воопшто, на христијанските реликвии што се чуваат или се однесени од нашата земја во текот на вековите, речиси и не бил предмет на сериозно научно проучување и истражување, како дел од богатата духовна традиција и културна историја на Македонија. До скоро во Македонија беа објавени само одделни студии.
Монографијата што е прва од ваков вид во земјата е составена од четири глави, a во неа поголемо внимание посветив на терминологијата на моштите, нивното култно значење во развојот на христијанството, почетоците на нивното почитување, вкоренето уште во старозаветната и новозаветната традиција, како и проблематиката поврзана со светоста и чудотворноста на моштите преку анализа на богословското учење и народните верувања и преку компарација на хагиографските творби и народните преданија на светителите. Притоа ја посочив и улогата на светите мошти при структурирањето на христијанскиот сакрален простор, од мартириумите преку пренесувањето на моштите и осветувањето на црквите, нивното значење при градењето на различните религиски, политички и национални идеологии, како во минатото така и денес, по примерите на поголемите православни центри на територијата на Македонија. Внимание посветив и на „светите кражби“, но и на обичајно-обредните дејства (црковни и народни) поврзани со моштите, нивните чудотворни способности и на поклоничкото патување, како една од најдревните ритуални практики низ која се реализира допирот со светоста, а во последната деценија е сè помасовно поврзано, освен со светите објекти – храмовите, чудотворните икони, светите води и сл., и со поклонението на светите мошти, и тоа на локално, регионално, национално и трансгранично ниво – истакнува Луческа.
Почитувањето на моштите е длабока историја засведочена уште во најраниот стадиум од распространувањето на христијанската идеологија. Во старозаветната традиција за моштите се зборува како за коски што се предмет на особена почит, додека, пак, во новозаветната традиција тие придобиваат квалитативно сосема нова димензија со овоплотувањето и воскресението на Исус Христос.
– Во сите развојни етапи и форми од почитувањето на светителите, посебно место зазема чудото, како заеднички именител околу кој доаѓа до внатрешното приспособување помеѓу официјалното и народното православие. Двоединството на светоста и чудотворството, во ликот на светителот, имаат најголема вредност во очите на верниците. Всушност, основен белег на животот на христијанските светители е чудотворната моќ што им е дарувана како симбол на нивната безусловна верност кон Бог, а која најсилно е обелоденета преку чудата што се случуваат над нивните земски остатоци – светите мошти. Дури и многу повеќе, чудата се најверојатно и основната причина за вадењето на посмртните остатоци на „чудотворците“ од гробовите или ковчезите и нивното бескрајно разделување на свети мошти и најмали честици, зашто се верува дека и најситната честица го осигурува „живото“, физичко присуство на светителот во кое се зачувани благодатните дарови, кои му се предадени од Бога. Тоа е и основната причина култот кон светите мошти силно да се поврзува со нивната способност за чудотворство. Чудотворната моќ на светите мошти е засведочена како во хагиографиите на светите така и во многубројните народни преданија и легенди, но и во усните чудотворни раскази, народни и црковни, кои се неразделни едни од други и кои, всушност, постојано меѓусебно се дополнуваат и испреплетуваат – вели Луческа.
Во монографијата се истакнува дека поседувањето на светите мошти или одделни предмети што биле во допир со светителите, особено ако станува збор за светители што имале голем углед во христијанската историја и црква, е значаен фактор и при градењето на различните религиски, политички и национални идеологии, како во минатото така и денес. Култот кон светите мошти е од големо значење за зголемување на авторитетот на црквите, а особено на манастирите, и им дава добри можности за раширување на нивното влијание меѓу верниците.
Луческа посочува дека се направени и евиденција и фотодокументација на светите мошти што се чуваат во одделни епархии на МПЦ.