Мирослав Илиќ, режисер
Најмногу влијание на суштината на сценариото од филмот имаа моите лични постадолесцентски, егзистенцијални тенденции и размислувања за тоа како би требало едно живо кревко суштество да се справи со нафрлениот очај и ударите на животот, вели младиот режисер
Дебитантскиот краткометражен игран филм „Прашливи цвеќиња“ на младиот режисер Мирослав Илиќ неодамна заврши со снимање. Мирослав Илиќ (1998) е самоук режисер што негува голема љубов за филмот, почнал да учи монтажа на многу мала возраст, при што изјавил интерес и за фотографија. Филмот е во продукција на „Марсбен“ и факултетот за aудиовизуелни уметности ЕФТА, а улогите ги толкуваат Сара Анастасовска, Стефан Вујисиќ, Арна Шијак и Христина Цветаноска.
„Прашливи цвеќиња“ е ваше прво филмско остварување, па дали би можеле да ни раскажете какво беше ова искуство. Што научивте за време на процесот?
– Искрено, ми беше многу убаво искуство да работам со таква импозантна екипа, која многу ентузијастички гледаше на целиот проект и од која јас учев многу во текот на тие неколку месеци на претпродукција, а и за време на самото снимање. Целиот процес беше конструктивен за мене на лично и професионално ниво, најмногу затоа што ме извади од некоја комфорна зона и работата со актерите го продлабочи моето гледање за тоа како нешто што чувствуваме влијае на нас.
За што станува збор во овој филм?
– Сентиментална жена, која по неколку неуспешни обиди да има свое биолошко дете, принудена е да се откаже од антидепресивната терапија, затоа што ја намалуваат нејзината фертилност. Покрај ова, таа пробува да го убеди својот сопруг да не се откажуваат од идејата за свое дете, не знаејќи дека тој добива отказ од работа поради несреќа во која умира бремена жена. Со текот на настаните поради големиот притисок, тој се врти против себе, а нејзината состојба се влошува.
Што беше инспирација за да се напише сценариото?
– Инспирацијата за да напишам сценарио што разработува ваква тематика беше апотеоза на присутноста и живеењето во моментот, но и потсвесната автодеструктивност, која резултира од спротивното, т.е. мислите од минатото или исчекувањата за иднината. Најмногу влијание на суштината на сценариото имаа моите лични постадолесцентски, егзистенцијални тенденции и размислувања, за тоа како би требало едно живо кревко суштество да се справи со нафрлениот очај и ударите на животот. Во сценариото ова е претставено преку двајца ликови чија тенденција за идеална слика за себе се коси со тоа што им се случува во моментот, и тоа за нив е апсолутно деструктивно. Јас како автор, а и самиот филм, не пренесува транспарентна порака, туку повеќе е заснован на чувства. Но доколку би морал да дадам мислење, тоа би било повеќе да се живее тука и сега, да се отфрли идеалниот и иден јас и да се размислува метакогнитивно, односно да се разбере одредена мисла што се провлекува низ нашата глава.
Дали ова беше вашиот првпат на сет? Постојат ли во вашата архива некои претходни, можеби аматерски парчиња што сѐ уште не ја нашле својата публика?
– Првпат на сет како режисер со поголема професионална екипа, но ова не ми е прв сет на кој сум бил. Претходни мои позначајни проекти се експерименталното видео „Заматена тишина“ во документарна форма, проектот „Хетеротопија“ и филмската етида на тема „Осаменост на работилницата“ кај професорот Сидовски.
Филмот сѐ уште е во постпродукција. Кога може да ја очекуваме премиерата на „Прашливи цвеќиња“?
– Немаме одредено точен датум, но би сакал премиерното прикажување да биде последниот месец од годинава. Се надевам ќе завршиме со постпродукција дотогаш.
Кога и како сфативте дека режијата е она што сакате да го работите? Дали го паметите конкретниот момент кога се роди таа желба да создадете нешто што луѓето ќе го погледнат на големото платно?
– Желбата за режија се создаваше постепено. Мислам дека првично ја почувствував кога на 12-13 години почнав да учам монтажа, а потоа ме заинтересира и фотографирањето. Но вистинскиот елан за режирање и кинематографија се случи пред две години, кога на Конкурсот за кратки видеа на Музејот на современата уметност во Скопје беше наградено гореспоменатото експериментално видео „Заматена тишина“, а позитивните коментари беа мотивирачки за мене.
Кое режисерско име за вас е симбол за талент, успех, познавање, на кој филмски режисер најмногу му се восхитувате?
– Ме инспирираат и ми се допаѓаат повеќе европски режисери, но филмовите на Кристоф Кишловски би морал да ги издвојам како највосхитувачки за мене.
Можеби е прерано, но дали имате идеја за следен проект?
– Веќе работам на неколку тековни проекти и размислувам за идни, но конкретно за следен игран филм имам неколку недефинирани идеи за кои, секако, ќе ми треба време.