Кинотеката на Македонија и Македонската академија на науките и уметностите со поддршка на „Вардар филм“ ја одбележуваат 25-годишнината од премиерата на „Пред дождот“, најуспешен игран филм во македонската кинематографија и најзначаен културен производ на Македонија, првенецот на режисерот Милчо Манчевски. Одбележувањето ќе се одржи утре со два настана.
Во 12 часот, во свечената сала на МАНУ, на гостите ќе им се обратат Таки Фити, претседателот на МАНУ, и Владимир Ангелов, директор на кинотеката, а видеообраќање ќе има и Виктор Фридман, надворешен член на МАНУ. Свои излагања за филмот ќе презентираат и дописниот член на МАНУ Марјан Марковиќ, на темата „Македонскиот стандарден и дијалектен јазик во филмскиот опус на Милчо Манчевски“, и Славица Србиновска, на темата „Естетиката на гледната точка во нарацијата на Милчо Манчевски“.
Во 20 часот, во киносалата на кинотеката, ќе биде прикажана 35-милиметарска копија од „Пред дождот“, која Манчевски неодамна ја депонираше во филмскиот архив на кинотеката, како и промоција на мапа со репродукции од плакати на филмот од светската дистрибуција на филмот.
– На оваа вечерна средба, покрај проекцијата и промоцијата, се надеваме дека по четврт век повторно ќе се собере дел од екипата на филмот, ќе разменат свои спомени и искуства од заедничкото учество во проектот што прерасна во нешто поголемо од само „уште една филмска продукција“ – велат од кинотеката.
Актерот Раде Шербеџија, кој го толкуваше главниот лик во филмот (Александар Кирков), веќе го потврди своето присуство на овој исклучителен настан.
„Пред дождот“ на Милчо Манчевски премиерно беше прикажан на 6 септември 1994 година на Филмскиот фестивал во Венеција каде што се закити со „златниот лав“ и со уште неколку награди, а потоа нанижа триесетина награди на светската фестивалска мапа. Филмот освои и номинација за „оскар“ во категоријата најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, станувајќи најнаградуван филм во историјата на македонската кинематографија. Сценариото е на Манчевски, кинематографер е Мануел Теран, монтажер Николас Гастер, а главните улоги ги толкуваат Раде Шербеџија, Грегоар Колан, Лабина Митевска, Кетрин Картлиџ, Јосиф Јосифовски, Кирил Ристоски… „Њујорк тајмс“ го вклучи филмот во листата на 1.000 најдобри филмови направени некогаш.