Во Вевчани денеска започнува деветтиот по ред фестивал за народна култура
„Пображење“ во организација на културно-уметничкото друштво ,,Дримкол“ од
Вевчани. Од денеска и во наредните три дена, 500 уметници од различни држави ќе ја
презентираат народната култура пред вевчанската публика и пред многубројните
туристи и гости кои токму овие денови престојуваат во Вевчани и регионот.
Фестивалот започнува вечерва во Домот на културата со презентација на Етнолошки
документарни филмови, а како учесници оваа година со свои авторски дела ќе се
претстават др. Владимир Боцев („Возот за Мартолци“), Елзи Иванчич Дунин и
Даниел Петровски (Са О Рома) и Бојан Петковски (филмувана реконструкција
„Лазарице“).
Свеченото отворање е утре на летната сцена каде во наредните денови својот фолклор ќе го презентираат Македонски ансамбли и фолклорни ансамбли од Германија, Естонија, Словачка, Хрватска, Полска, Србија.
Покрај сценско-уметничката презентација на хорската, инструменталната и вокалната
култура, во рамките на фестивалот секоја година се реализира и програмската
содржина: „Народната култура во Вевчани, инспирација за ликовните уметници“, а
учесник оваа година е Аница Китаноска-Вевчанска, студентка на академијата за убави
уметности во Равена, Италија.
– Во Вевчани овие денови се подготвува и слави Преображението Христово, слава на
населбата, па, затоа пред години одлучивме таквата празнична радост да ја збогатиме
со дополнителни весели содржини кои позитивно ќе влијаат на таа празнична
атмосфера како и на целокупното живеење во Вевчани. Одлучивме тоа да се содржини
од народната култура, бидејќи токму тие ги отсликуваат традиционалните духовни и
материјални вредности на еден народ. На Вевчани му прилегаат настани кои имаат за
цел да ја зачуваат традицијата. Впрочем, Вевчани низ вековите го докажал тоа, па
токму затоа целта и на овој фестивал е да ја афирмира македонската духовна култура
и традиција, да овозможи запознавање со народната културата на други земји низ
светот, а воедно да ја збогати туристичката понуда на општината – изјави м-р Тошо
Чочороски, претседател на КУД „Дримкол“ од Вевчани.
Стручниот совет на фестивалот е во состав проф.др. Мирјана Мирчевска, проф.др.
Велика Стојкова – Серафимовска, проф.др. Даворин Трпевски, Јовица Блажески и
Наташа Кукоска ќе ги оценуваат сите ансамбли, а за најдобриот ансамбл организаторот доделува плакета „Чувари на традиција“.
Фестивалот завршува на празникот Преображение Христово на 19 август со етно
звуците на Вокално инструменталниот состав „Аманет“ од Скопје и Фолклорниот
ансамбал при центарот за традиционална култура од Вараждин, Хрватска. Фестивалот
е под покровителство на министерството за култура и на Општина Вевчани.