Детскиот фестивал на театар на сенки „Сонот на облачето“, единствен фестивал од овој тип во поширокиот регион, годинава ќе го доживее своето 6-то издание. Отворањето е вечерва во киното „Фросина“ во МКЦ. Првата фестивалска вечер, од 19.30 часот, фестивалот ќе го отвори Ана Фабули од Германија со претставата „Кралот Жаба и други љубовни приказни“. Утре ќе се одржи премиера на претставата „Алиса и чудата“ во изведба на тeатарот „Сенки и облаци“ од Македонија.
Последната фестивалска вечер ќе ја одбележат три настани. Со почеток од 18 часот, најпрво ќе биде прикажан 5-минутниот анимиран филм „Нодва“, инспириран од бегалските приказни, а веднаш по него, студиото „Абстракт“ од Македонија ќе ја изведе танцовата претстава „Снежана и седумте џуџиња“. Годинашното издание на фестивалот „Сонот на облачето“ ќе биде затворен со изведбата на претставата „Птици“ на германката Мари Донат. Во текот на фестивалот ќе бидат одржани две работилници за изработка на кукли за театар на сенки, додека во фоајето на киното „Фросина“ ќе биде поставена изложба на рачно изработени ламби.