Изложби, модни ревии и инсталции, работилници, форуми, предавања, презентации, промоции и проекции се дел од седмото издание на фестивалот „Скопје Креатива 2018“ што од денеска до недела ќе се одржува во Младинскиот културен центар (МКЦ).
Мотото е „Седум пати до креативност“. Фестивалот вечер во 20 часот ќе го отвори скопскиот градоначалник Петре Шилегов, по што посетителите ќе може да погледнат дел од изложбите во холот на МКЦ. Организатори на фестивалот се Конгресниот центар „Александар Македонски“-Скопје под покровителство на Град Скопје.
Програмата на фестивалот 80 отсто се базира врз проекти пријавени на јавен повик, пред се на македонски дизајнери, уметници со свои предлог протитипи, едукативни работилници, презентации и промоции. На фестивалот се поканети регионални и европски уметници од областа на креативните индустрии.
Во рамки на програмата се четири работилници на средношколци во соработка со своите ментори, работилници за дигитална фотографија, за изработка на веб-страници, за драмско пишување со фокус на монолози и дијалози. Музичката програма на фестивалот е составена од групата „AUX88“ од Мичиген, САД, проект што го делат со МКЦ, диџеј сесиите на Мирко Попов, Ерик Фокс, Виолета Качакова и Мелани Дигит.
Дел од гостите на фестивалот се фотографот Геерт Де Таје од Белгија, етнологот, антрополог и кустос на музеи Тамара Николиќ Ѓериќ од Хрватска, брачната двојка Билјана и Братислав Бранковиќ од Србија кои ќе имаат работилница за арахитектура за деца. Гости ќе бидат и Ралф Ѓони од Албанија и Иван Бркљаќ од Србија.