Од Македонска опера и балет информираат дека денеска почина виолинистот и концерт мајстор во МОБ, Ѓоко Николовски, роден на 14 август 1927 година во Битола. Тој бил највозрасниот активен музички уметник во нашата земја, што претставува раритет од пошироки рамки.
Во Операта и балетот на Македонскиот народен театар учествувал од нивното формирање, каде го поминал целиот работен век до своето пензионирање. Работел како виолинист, а набрзо станува прв концертмајстор каде останал повеќе од 30 години. Имал чест и привилегија да соработува со плејада светски диригенти, како што се: Ловро Матачиќ, Игор Маркиевиќ, Карло Цеки, Бенвенути Корадо, Теодор Вавајанис, Фабијан Севицки, Сергиу Челибидаке, Зубин Мехта, Клаудио Абадо и
многу други.
Соработката со врвни светски диригенти придонела Николовски да стекне врвно уметничко искуство и огромен репертоар од областа на операта и балетот. Во неговата уметничка дејност посебно место зазема интензивното негување на камерната музика и се истакнува како водач на квинтетот на МОБ и многу други состави.
Посмртните останки ќе бидат изложени во недела од 11 до 12 часот, во
капелата на гробиштата Бутел, се наведува во соопштението од МОБ.