Претставата наиде на одличен одглас кај публиката, а британските медиуми нашироко пишуваат за неа, не изоставајќи ја одличната музика на нашиот композитор. Божиќните претстави на Граѓанскиот театар од Глазгов, иако имаат изградено одредена мрачна репутација, која се разликува од стандардната пантомима, сепак се исполнети со божиќен дух
Македонскиот композитор Никола Коџабашија, кој живее и работи во Велика Британија, ја направи музиката за претставата „Пинокио“, која ја имаше својата премиера во Глазгов, Велика Британија. Претставата наиде на одличен одглас кај публиката, а британските медиуми нашироко пишуваат за неа, не изоставајќи ја одличната музика на нашиот композитор.
Божиќните претстави на Граѓанскиот театар од Глазгов, иако имаат изградено одредена мрачна репутација, која се разликува од стандардната пантомима, сепак се исполнети со божиќен дух. И „Пинокио“ не се разликува во тоа. Ансамблот ја пречекува публиката со темата на „Магарето Дарио“ пред да започне приказната. Тоа претставува весел почеток што подоцна поминува со мрачни последици, брзо и лесно поставувајќи го тонот за оние што се запознаени со приказната.
– Музиката продолжува во текот на целата претстава, отсвирена и испеана од актерската екипа, давајќи ѝ инклузивно, фолклорно чувство на претставата. Звучниот свет на Никола Коџабашија додава нешто посебно и привлечно. Особено омилен дел на публика е ѕвончето што ја сигнализира вратата од продавницата на Џепето, придружена со посипување снег од кофа секојпат кога таа ќе се отвори. Поканети сме во светот на создавање театар, како и да уживаме во магијата, и тоа е одлично постигната рамнотежа во целост благодарение на Доминк Хил, уметничкиот директор на Граѓанскиот театар – пишува „Бродвеј ворлд“.
Приказната за Пинокио е добро позната, а сценариото се потпира на некое претходно познавање за приказната што овозможува лесно да се следи, особено во вториот чин. Осамениот изработувач на кукли, Џепето, ја изработува својата последна марионета, Пинокио. Пинокио е решен да се докаже себеси како вистинско момче, но не сакајќи завршува во рацете на злобната Флорензина. „Пинокио“ ќе им се допадне на младите, на возрасните и на оние помеѓу. Ова е потврда за тоа дека Граѓанскиот театар е место што се залага за алтернатива на типичната пантомима и алтернатива на реалноста, но и за вистинско театарско шоу.
– Актерите користат плетени корпи како реквизити и тропаат на нив за да постигнат звучни ефекти, според невообичаената партитура на Никола Коџабашија. Без разлика дали се смешни или застрашувачки, тие секогаш се искрени – пишува престижниот „Гардијан“.
Според „Д Стејџ“, живата музика на Никола Коџабашија, свирена од актерската екипа со оргули на сцената и ударни инструменти, ја дополнува атмосферата што не е секогаш удобна.
Коџабашија веќе подолго време живее и работи во Велика Британија, учествувајќи во повеќе театарски проекти на лондонските сцени, но и компонирајќи нова музика.
Лани, тој работеше на музиката за детската музичка претстава „Д сендпит“ на култниот дански театар „Один“. Претставата беше во режија на една од легендарните актерки на театарот „Один“, 76-годишната Елсе Мари Лауквик. Оваа претстава посети околу четириесетина дански училишта, а се играше и на сцената на театарот „Один“ во Холстебро. Никола Коџабашија е автор и на музиката за претставата „Пепелашка“, која премиерно се изведе лани на сцената на театарот „Ситизенс“ во Глазгов. Тоа беше четврта божиќна претстава што ја работеше заедно со Доминик Хил, откако стана музички раководител на театарот „Ситизенс“ во Глазгов.