Министерот за култура Хусни Исмаили и националниот координатор за развој на култура во Владата, Роберт Алаѓозовски, на денот на штрајкот во културата одржаа средба со Работната група и со претставниците од СКРМ и СОНК. На средбата е постигната начелна согласност за усвојување на новиот колективен договор во културата, текст кој е усогласен со барањата на двата репрезентативни синдикати.
Имајќи ги предвид буџетските средства на Министерството за култура за 2020 година, од страна на Министерството и на Владата е понудено одредбите кои се однесуваат на утврдување на коефициентите за вработените во културата да започнат да се применуваат најдоцна до 01.07.2020 година. Во наредниот период членството на двата синдикати и официјално треба да се произнесе околу прашањето поврзано за терминот за примената на коефициентите, соопшти Министерството за култура.
Доколку членовите дадат согласност, Министерството за култура ќе достави информација до Владата и со нејзиното усвојување ќе се создадат услови за потпишување на колективниот договор во културата.
Денешната средба следи по заклучокот на Владата (16 декември 2019 година) со кој го задолжи Министерството за култура да ги продолжи преговорите во рамките на обезбедените буџетски средства за 2020 година и да продолжи со инсистирањето на изедначувањето на дејностите во областа на културата на принципиелно ниво во институциите и во споредба со нивото на образование со другите административни сектори.
-Министерството за култура и Владата се во партнерски однос со двата репрезентативни синдикати и подеднакво со нивното членство се залагаат за остварување на барањата на вработените во културата. Министерството за култура и Владата ја имаат предвид важноста на овој договор за системско решавање на наталожените проблеми во сферата на културата. Од тие причини сметаме дека само заедничкиот дијалог е конструктивниот пат до успешно завршување на двегодишната посветена работа за изнаоѓање принципиелни решенија во културата, со кои ќе се надминат проблемите и неправдите кои постојат изминативе 15 години – се додава во соопштението.