Беседа
На 4 декември 2020 година во Битола
Европската престолнина на Балканот, како што ја нарекуваат на Сорбона
На празникот Св. Пречиста и
Влегување на Богородица во Храмот во Ерусалим
Со погреб на којшто беше забрането присуство на живи луѓе
Беше испратен во Вечноста Баге Стефановски (1953-2020)
Еден од најголемите градители на театарски мостови на Балканот во Европа и во светот
Министер за култура на Република Македонија
Чиешто име ќе биде запишано
Како продуцент на рекорден број претстави
Што никој досега не ги направил ни пред него ни по него
Бидејќи присуството на живи луѓе и публика беше забрането
Над небото над Битола се појавија сите претстави што
ги направил
И наместо публиката која му аплаудираше
Во сето траење на неговиот живот
Му аплаудираа сите театарски работници
На сите јазици на Балканот и Европа
Бидејќи неговата животна и творечка кариера
Се одвиваше во земјата без граници – Театрофилија
Свечен говор онлајн за неговото последно патување
Одржа Јон Карамитру
Првиот министер за култура по падот на Чаушеску во Букурешт
И претседател на Академија Балканика Еуропеана
Којшто рече дека во историјата на Балканот
Досега не се појавил таков градител
Којшто преку агенцијата НЕТА
По крвавите војни во бивша Југославија
Обедини 66 театри од целиот Балкански Полуостров
Обединувајќи ја сопствената Балканофилија
Со неговата фамилијарна Македонофилија
И со љубовта и надежта кон Европа
Која честопати беше само гола илузија
Од Фамилофилијата на погребот беа присутни
Неговиот татко Димче Стефановски
И неговиот чичко Ацо Стефановски – првиот македонски Хамлет
А од небото над Битола го испраќаше и
Песната на соколот од Подземната Република
Која произлезе од мислата на последното интервју на Даме Груев
Во британското списание Blackwood’sMagazine
Како противтежа на Бекетовата реченица:
Нема ништо посмешно на светот од човековата несреќа
Бидејќи Даме вели: Ако не ни дозволат да ја создадеме
Македонија над земја
Не оној свет ќе ја направиме како Подземна Република
Пролетта 2003 година
За време на неговата официјална посета на Франција
Како министер за култура
Баге побара да ја посети Комеди Франсез
Каде што директор беше легендарниот француски актер
– Марсел Бозоне
Бидејќи првиот македонски Хамлет – Ацо Стефановски
Бил на студиски престој во Комеди Франсез
Тие денови, Европскиот парламент го прогласи
Преспанско Езеро
За Меѓуграничен европски парк
И во самата Комеди Франсез
Во разговор со Марсел Бозоне
И митскиот лик на француската литература Жак Лакариер
Му предложивме на министерот Стефановски
Да се формира иницијативен одбор
За првиот Интернационален театарски фестивал
– Актерот на Европа
Кој ќе ја вреднува индивидуалната театарски биографија
Како врвен критериум на европската цивилизација
Од тогаш почнувајќи од неповторливиот Љуба Тадиќ
Којшто ја одигра својата двеилјадита Сократова одбрана или смрт
И во присуство на балканската театарска елита
И повеќе гости од различни европски земји
Жак Лакариер ја изговори својата беседа:
„Илјадници вчера и едно единствено утре“
Што истото лето ја објави во парискиот „Фигаро“
Со наднаслов: „По повод стогодишнината од првата република
на Балканот во Крушево
Македонија ги обединува сите земји на полуостровот
во Актерот на Европа“
Од тогаш на Преспа дојдоа плејада европски актерски ѕвезди
И по петнаесет години по средбата на Стефановски и Бозоне
во Париз
Лично Баге му ја врачи наградата за животно дело
„Актерот на Европа 2017“
На бреговите на Преспанско Езеро на Марсел Бозоне
А истата вечер Баге го овенчавме со
„Големата повелба – Балканот е срцето на Европа“
Тоа беше индивидуалната одисеја на Баге Стефановски
Која ја докажува вечната вистина дека
Сѐ почнува од Еден и се завршува во Еден
И дека државите и на Балканот и во Европа и насекаде во светот
Се претворени во „безумни апстракции“ кои почиваат на
Политички терор, корупција и криминал
Во земјата без граници наречена Театрофилија
Владеат никому непотребните Љубов и Хуманизам
Кои немаат никакви шанси во иднината на човештвото
Вечна ти слава Баге
Од небото над Битола до Вечноста!
Јордан Плевнеш
Скопје, 5 Декември 2020