Издавачката куќа „Антолог“ го најавува објавувањето на романот „Последниот чувар на островот Елис“ од француската писателка Гаел Жос. Романот е добитник на Наградата за литература на Европската Унија во 2015 година. Преводот на македонски е на Маргарита Терзијан-Маленкова.
Преку неколку човечки судбини, Гаел Жос говори за судбините на милиони луѓе, кои во името на подобра иднина го оставиле највредното за нив за да пристигнат меѓу карпите на островот Елис, како пристапно место пред влезот во Ветената земја. Авторката се обидува да го отвори прашањето за нивниот престој, нивните долги и исцрпувачки патувања со брод, нивната сиромаштија, нивниот страв дека ќе бидат вратени, токму во моментот кога се толку блиску, сепак далеку од „Ла Мерика“.
Книгата е објавена со поддршка од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.
Гаел Жос (родена 1960) е француска писателка. Студирала право, новинарство и клиничка психологија. Иако дебитирала со поезија, подоцна објавила четири наградувани романи. По неколку години поминати во Нова Каледонија, денес работи и живее во околината на Париз.